Надворешен соработник д-р Борко Илиевски External Member Dr Borko Ilievski


Кабинет Локал Дир. телефон Email [protected email] Консултации

Д-р Борко ИЛИЕВСКИ, редовен професор, е роден на 28 август 1951 во Куманово. Основно образование завршил во 1966, а средно во 1970 во родниот град. Во 1974 г. дипломирал на Институтот за математика на ПМФ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје со просечна оценка 8,90, и се здобил со звањето дипломиран математичар. Во 1984 г. завршил постдипломски студии на Институтот за математика на ПМФ во Скопје. Насловот на неговата магистерска работа е „Некои квадратурни проблеми при ареоларни и р-диференцијални равенки". На 20 ноември 1992 г., на Институтот за математика на ПМФ во Скопје, ја одбранил докторската дисертација под наслов „Линеарни ареоларни равенки".Во 1975 г. е избран за помлад асистент, во 1985 за асистент, во 1993 г. е избран во наставното звање доцент, во 1998 г. во звањето вонреден професор и во 2003 г. е избран за редовен професор на Институтот за математика при ПМФ во Скопје. Во периодот од 1 октомври 1974 до 31 август 1975 г. бил вработен како професор по математика во Гимназијата „Гоце Делчев" во Куманово. Во својата асистентска кариера држел вежби по голем број предмети на повеке факултети: увод во виша математика, односно математика 1 и математика 2 (Хемиски институт при ПМФ), математика 1 (Градежен факултет), математика 2 (Факултет за ПТО), монечно-димензионални векторски простори, анализа 1, математичка анализа 2, диференцијални равенки и комплексни функции (Институт за математика и Институт за информатика при ПМФ во Скопје). Како професор држел настава по предметите: математика (Шумарски факултет) , одбрани делови од диференцијални равенки и комплексни функции (двопредметни студии по математика-физика, ПМФ) и математика 1 (Педагошки факултет во Битола). Денес изведува настава по: математика 1 и математика 2 (Институт за хемија, ПМФ), диференцијални равенки (Институт за математика ПМФ), математика и применета статистика (Фармацефтски факултет во Скопје) и математика (Педагошки факултет во Битола). Држи предавања за студентите на хемија по предметите Математика I и Математика II. Бил ментор на една магистерска работа и на голем број дипломски работи.Негова научна преокупација се диференцијалните равенки во комплексно подрачје. Има објавено 37 научни трудови во домашни и во странски научни списанија. Учествувал на голем број домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми по диференцијални равенки. Учествувал во 10 научно-истражувачки проекти. Бил рецензент на два научни труда во странски списанија, како и на 10-тина научни трудови во домашни списанија. Бил уредник на научното списание Математички билтен (1992-1996), како и главен и одговорен уредник на тоа списание (1996-2006), што го издава Сојузот на математичарите на Македонија. Главен и одговорен уредник е на Зборникот трудови од Третиот конгрес на математичарите на Македонија. Два пати бил раководител на Заводот за анализа при Институтот за математика на ПМФ. Член е на Друштвото на математичарите на град Скопје и на Сојузот на математичарите на Македонија. Има добиено диплома од Сојузот на математичарите на Македонија и Благодарница од Фармацевтскиот факултет во Скопје.

Автор е на 1 факултетски учебник (Одбрани делови по диференцијални равенки и комплексни функции), на 1 средношколски учебник (Математика за прва година на средни стручни училишта во Македонија) и на 2 збирки решени задачи за квалификационите испити на факултет.