Академик д-р Бојан Шоптрајанов academician Dr Bojan Shoptrajanov


Кабинет Локал Дир. телефон Email [protected email] Консултации

Академик Бојан ШОПТРАЈАНОВ, редовен професор (во пензија) е роден на 26 јануари 1937 г. во Чачак, Србија. Основното образование (до 4 одделение) го завршил во 1947 година, во Скопје, потоа учел во Белград и Велес и 3 клас (последен од тогашната прогимназија) го завршил (во 1950 г.) во Велес. Во Скопје матурирал, во гимназијата „Цветан Димов”, во 1955 година. На групата  по хемија при Природно-матема­тич­киот факултет на Универзитетот во Скопје дипло­мирал во  1960 г.. Постдипломските студии ги завршил (во 1965 година) на Indiana University, Graduate School, Bloomington, IND, USA со магистерскиот труд под наслов „Vibrational Assignment of the Infrared Spectra of 1,2,5-thiadiazole”, здобивајќи се со звањето магистер (Master of Science) по хемија.  Докторската дисертација „Спек­тро­скопско испитување на кристалохидрати, со посе­бен осврт на спектарот на водата – Системи со мошне ниски δ(HOH) фреквенции” ја одбранил (во 1973 г.) на Природно-математичкиот факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. На тогашниот Технолошки оддел на Техничкиот факултет во Скопје во 1960 г. е избран  за асистент и таму останал до заминувањето на отслу­­жување на воениот рок (во 1961 г.). За асистент на Институтот за хемија при Природ­но-математичкиот фа­култет е избран во 1962 г., за доцент е избран во 1962 г., за вонреден професор во 1975 г. и за редовен про­фе­сор во 1978 г. (преизбиран е во 1987 и во 1993 г.). Бил пен­зиониран во 2002 г. Во 1994 г. е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, а во 1996 г. за редовен член на МАНУ. На Технич­ки­от факултет држел вежби по анали­тич­ка хемија, а на Институтот за хемија, вежби по физичка хемија, физичка хемија I, физичка хемија II, општа хемија за медицинари и општа хемија за стоматолози. Вежби по физичка хемија одржувал и на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, паралелно со држењето, на овој факултет, и настава по предметите физичка хемија I и физичка хемија II. На додипломските студии на ма­тичниот факултет држел настава по поголем број пред­мети (физичка хемија I, физичка хемија II, спек­тро­скоп­ски методи за определување на молекулски структури, радиохемија, методика на наставата по хемија за хемичари и методика на наставата по хемија за студентите од двопредметните студии хемија–биологија). На постдипломските студии држи настава по предметите методологија на научноистражувачката работа, хемиски примени на груповата теорија и извори на знаење во хемијата и проверка на знаењата, а го предавал и предметот методи за определување на молекулски структури. Настава по физичка хемија одржувал и за студентите по фармација во Скопје и по технологија во Лесковац (Србија). Практично сите овие предмети или прв ги осмислил и ги изведувал или темелно ги реорганизирал. Бил проректор за настава и наука на Универзитетот “Кирил и Методиј” во периодот од 1988 до 1990 година. Прет­ходно бил продекан за настава и наука на Хемиски­от факултет и претседател на Извршни­от одбор на Хемискиот факултет. Главно подрачје на научен интерес на акад. Шоптра­јанов е структурната хемија (особено вибрационата спектро­скопија), а речиси подеднакво е заинтересиран за проблеми од образованието воопшто и, секако најмногу, образованието по хемија. На меѓународни научни манифестации презентирал 156 соопштенија (од тоа 2 секциски и 5 пленарни предавања), на општо­југо­сло­вен­ски научни манифестации надвор од Македонија 81 (од нив 2 пленарни предавања) и на собири во Македонија 114 соопштенија (од кои 3 секциски и 3 пленарни предавања). Своите резултати ги презентирал и на предавања одржани на во Хале и Зиген (Германија), Упсала (Шведска), Лондон (Велика Британија), Москва (Русија) Будимпешта (Унгарија) и во други пригоди. Автор, односно коавтор е на 3 монографски публикации со научен, односно стручен карактер и на 5 монографски изданија со системски карактер. Автор/коавтор е на 4 универзи­тетски учебници, односно учебни помагала и на 19 учебници, односно учебни помагала за средното образование (од последниве повеќето се објавени во повеќе изданија, а преведувани се и на албански јазик). Бил рецензент на дваесетина трудови во странски списанија и значително повеќе во домашни списанија. Проф. Шоптрајанов е основоположник и прв главен уредник на научното списание Гласник на хемичарите и техно­ло­зите на Македонија, а сега е член на Издавачкиот совет на ова списание. Претседател е на редакцијата на списанието Прилози на МАНУ  Одделение за математичко-технички науки. Бил член на издавачките совети на списанијата Хемијска индустрија и Yugoslav Chemical Papers. Бил претседател, односно член на Научните/Организационите одбори на повеќе научни конференции во Македонија и надвор од неа. Бил раководител на голем број меѓународни и домашни научноистражувачки проекти, учествувал во изработката на наставни програми по хемија за основното и средното образование. Бил ментор на 7 кандидати за докторска дисертација, на 9 кандидати за магистерска работа и на поголем број  кандидати за дипломска работа. Бил претседател, односно член на голем број комисии за одбрана на докторски, магистерски, односно дипломски работи во Скопје, но и член на комисии за одбрана на докторски дисертации и во Загреб и Љубљана. Во текот на постдипломските студии и подготовката на магистерската работа прес­тојувал една и пол година на Иndiana University во Блоомингтон, САД. Подолги или покуси престои имал на универзитети во Упсала (Шведска), Лондон (Велика Британија), Хале и Зиген (Германија), Москва (Русија). Имал поголем број раководни функции во струката. Бил претседател на Извршниот одбор на Хемискиот фа­култет, продекан за настава и наука на Хемискиот факултет, проректор за настава и наука на Универзитетот “Кирил и Методиј”. Бил потпретседател и, подоцна, претседател на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Бил член на претседателството на Унијата на хемиските друштва на Југославија и нејзин последен претседател. Бил претседател на Комисијата за спектроскопија при Унијата на хемиските друштва на Југославија. Бил член на претседателствата и на Унијата на хемиските друштва на Југославија и на Сојузот на хемичарите и технолозите на Југославија. Активно членувал и во Југословенскиот коорди­национен одбор за молекулски науки, во Републичкиот педа­гошки совет, во Комисијата за научни информации при СЗНЈ, а бил и претседател на Комисијата за инфор­ма­ти­ка и статистика при РЗНД на Македонија. Сега е секретар на Одделението за математичко-технички науки при МАНУ; член на Претседател­ството на МАНУ и претседател на Одборот за ИНТЕРНЕТ при МАНУ. Во два мандата бил претседател на Одборот за доделување на Наградата “Св. Климент Охридски”, а сега е член на овој одбор. Бил член на одборите за доделување на наг­ра­дите “Гоце Делчев” и “11 Октомври”, како и прет­се­да­­тел на комисиите за нау­ка или за образование и наука при сите горенаброени одбори и на Одборот за доделување на Наградата “13 Ноември”. Учествувал во под­го­тов­ката на поголем број документи што се однесуваат на стратегијата за развој на науката во Македонија, односно на системите за научни информации на Македонија и на поранешна Југославија. Проф. Шоптрајанов зборува течно англиски, руски, бугарски и српски, а се служи и со француски, словенечки и италијански. За успехот во студирањето добил награда за најдобар дипломиран студент на Скопскиот уни­вер­зи­тет (1960), а за работата и резултатите од неа добил Благодарница на ПМФ (1986, 1996), Благо­дарност (1973) од Сојузот на извид­ни­ци­те на Македонија; Повелба за заслужен член на Сојузот на инженери и техничари на Македонија (1977); Сертификат (1978) од Chemical Abstracts Service за „извонреден придонес за унапредувањето на хемис­ката наука и технологија во текот на повеќе од 10 години успешна работа” како апстрактор во Chemical Abstracts; Плакета на Уни­вер­зитетот „Св. Кирил и Методиј” (1984); Златна плакета и признание (1986) од Дви­же­њето „Наука на младите” на Југославија; Томазиусов медал (1987) од Универ­зи­те­тот во Хале (Германија); Орден за заслуги за народ со сребрна ѕвезда (1979); Благодарница (1998) од Првиот скопски извиднички одред; Плакета од Приватниот колеџ „Јахја Кемал”; Плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (1999); Повелба на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (2003); Награда “11 Октомври” (2005) и други. 

Досега објавил 202 статии. Во списанија со фактор на влијание (impact factor), акад. Шоптрајанов објавил 115 статии, во списанија печатени надвор од Маке­донија (но без фактор на влијание) 14 труда, а еден труд е дел од монографијата Spectroscopy of Emerging Materials. Во списанија објавувани во Македонија, проф. Шоп­тра­ја­нов има објавено 40 статии (една е прегледен труд), а во зборници на трудови 32 труда (20 во Македонија и 12 во странство). Според еден преглед во SCI, трудовите на проф. Шоптрајанов се цитирани 684 пати во списанија опфатени со оваа публикација, а повеќепати бил цитиран и во монографии. Акад. Шоптрајанов смета дека меѓу неговите позначајни трудови се: B. Šoptrajanov, G. E. Ewing, Infrared and raman spectra of 1,2,5-thiadia­zole, Spectrochim. Acta22, 1407–1416 (1966); I. Petrov, B. Šoptrajanov, N. Fuson, J. R. Lawson, Infrared inves­ti­gation of dicalcium phos­pha­tes, Spectrochim. Acta23A, 2637–2646 (1967); B. Šoptrajanov, M. Ristova, Water-anion vibrational coupling in some crystallohydrates, J. Mol. Struct., 115, 359–362 (1984); B. Šoptra­ja­nov, V. M. Petruševski, Vibrational spectra of hexaaqua complexes : IV. Multiple bands in the hoh bending region of some alums, J. Mol. Struct.293, 101–104 (1993); B. Šoptrajanov, Very low H–O–H bending frequencies. I. Overview and infrared spectra of NiKPO4 · H2O and its deuterated analogues, J. Mol. Struct., 555, 21–30 (2000) и другите статии од серијата; M. Trpkovska, B. Šoptrajanov, Lj. Pejov, FTIR study of 2,2’-biquinoline complex of dichlorodioxochromium(VI): the CrO2 vibrations, J. Mol. Struct.., 654, 21–26 (2003); B. Šoptrajanov, V. Stefov, H.D. Lutz, B. Engelen, Infrared and raman spectra of magnesium ammonium phosphate hexahydrate (struvite) and its isomor­phous analogues. II. The O–H/N–H stretching region vo E.C. Faulques, D.L. Perry, A.V. Yeremenko (Eds.), Spectroscopy of Emerging Materials, Kluwer, 2004, pp. 299–308 и другите статии од серијата.