- д-р Гилберт Флумиани Former Dr Гилберт Флумиани


Кабинет Локал Дир. телефон Email [protected email] Консултации

Д-р Гилберт ФЛУМИАНИ, редовен професор, е роден во 1889 г. во Задар. Сту­дирал и завршил хемија. Докторирал на Универзи­те­тот во Инзбрук (Австрија) во 1916 г. Потоа работел на Фило­зоф­скиот факултет во Загреб. Од 1928 до 1946 г. бил про­фе­сор и шеф на Хемискиот институт при Фило­зофскиот факул­тет во Загреб. Во овој период сора­бо­тувал (од 1928 до 1940 г.) со проф. Милош Младе­новиќ кој потоа бил професор по хемија на Универ­зи­тетот во Белград. Негов док­то­рант и сора­ботник бил и проф. Божидар Белија, поранешен професор на Меди­цинскиот факултет во Скопје и хонорарен нас­тав­ник по биохемија на Природ­но-математичкиот факул­тет во Скопје. Во 1951 г., по покана (без конкурс), управата на Фи­ло­зофскиот факултет во Скопје го избрала за редовен професор по физичка хемија и шеф на Катедрата за хемија. Освен физичка хемија, по смртта на проф. Крсто Ставриќ, проф. Флумиани предавал и анали­тич­ка хемија. Како искусен и долгогодишен универзитетски професор, тој дал голем придонес во органи­зацијата на работата на Катедрата по хемија и Хемискиот институт. Придонел и во оства­рувањето контакти со наставници од другите уни­верзитетски центри во Југославија. Од 1951 до 1965 г. бил шеф на Катедрата за хемија на Филозофскиот факултет, од­носно шеф на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во пери­одот од 1954 до 1957 г. бил и декан на Филозофскиот факултет во Скопје. Големи се заслугите на проф. Флумиани за изградбата на новата зграда на Хе­мис­киот институт. Во мај 1955 г. ректорот на Универзитетот, д-р Марин Каталиниќ, по предлог на упра­ва­та на Филозофскиот факултет, донел решение за формирање комисија за локација и програма за изградба на нова зграда на Хемискиот институт. За членови на оваа комисија се определени: проф. Гилберт Флумиани, проф. Крум Холол­чев, доц. Крсто Ставриќ и доц. Дим­че Тошев. Во 1965 г. Деканатот на Природно-математичкиот факултет ја усвоил молбата на проф. Флумиани за негово одење во пензија. Сепак, замолен е да помогне во изведувањето на наставата по аналитичка хемија и во учебната 1965/66 г. Професорот Флумиани почина во Опатија во 1976 г. Постарите наставници го помнат како човек со висока култура, голем хуманист, се­ко­гаш готов да ги ислуша студентите, но и наставниот персонал и, по можност, да им излезе пресрет на нивните желби и потреби, во рамките на неговите овластувања. Како таков тој ќе остане во трајно сеќавање на неговите студенти, колеги и пријатели.